Friday, May 23, 2008

ЧЕСТИТКА ОД ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ПО ПОВОД НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА ВЛАСИТЕ – 23 МАЈ 23.05.2008

ЧЕСТИТКА ОД ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ПО ПОВОД НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА ВЛАСИТЕ – 23 МАЈ
23.05.2008
Претседателот на Владата на Република Македонија м-р Никола Груевски, по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите, до припадниците на влашката етничка заедница во Република Македонија, упати честитка со следната содржина:
„Почитувани припадници на влашката етничка заедница,
Во името на Владата на Република Македонија и во мое лично име, дозволете ми да Ви го честитам 23 мај, денот на Власите, кога пред 103 години турскиот султан Абдул Хамид II, донесе посебен документ со кој го призна постоење на влашката етничка група како посебен етнички, јазичен и културен субјект.
На територијата на Република Македонија отсекогаш се вкрстувале многу народи, култури и цивилизации, кои оставиле траги на ова поднебје во современата македонска култура и цивилизација. Меѓу останатите заедници, Власите дале свој придонес кон изградбата на еден специфичен вид на култура карактеристична за Република Македонија, темелена на принципите на меѓусебна толеранција, разбирање и соживот, која денеска претставува темелна вредност на современиот европски поредок.
Припадниците на влашката етничка заедница оставиле силен печат врз развојот на трговијата, културата, природните и општествените науки во Република Македонија, истовремено вклучувајќи се рамноправно во национално - ослободителните борби за постигнување на идеалот - суверена и самостојна Република Македонија.
Како функционална мултиетничка и мултикултурна демократија на рамноправни граѓани, Република Македонија е земја која многу инвестира во негување, развивање и истакнување на културните особености на заедниците кои живеат во неа и унапредување на нивната интеграција во општеството, вклучувајќи ја тука и влашката етничка заедница.
Честитајќи Ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека ќе продолжиме заеднички да чекориме по патот на евроатланската интеграција на државата и ќе овозможиме прогрес за Република Македонија на сите полиња во општествениот живот.“

Извор: МИА

No comments: