Одбележан националниот ден на Власите-23 мај
Недела, 24 Мај 2009 13:48
Со богата културно уметничка програма денеска во манастирот „Свети Димитрија", во селото Магарево се одбележа 23 мај-националниот ден на Власите. Синоќа, пак, се одржа свечена академија на која беше изнесено значењето на овој ден за Власите.
-Во 1905 година на овој ден султанот Абдул Хамид 5 го донесе декретот со кој му се даваат сите права на Власите во Отоманската империја, на школување, богослужба и други права како граѓани на оваа земја. Значајно е што по осамостојувањето на Македонија го славиме овој ден, а последните три години уште подостоинствено затоа што со одлука на Владата 23 мај е прогласен за неработен ден за нас - вели Стафан Хаџи-Антоновски, Комуна на власите „Браќа Манаки".
За разлика од нас, додава Хаџи- Антоновски, голем дел од Власите во другите земји го немаат тоа право. Но меѓународната соработка со Власите од Албанија, Бугарија, Грција и од Србија била успешна. Затоа наскоро, во текот на јуни, се планира посета на регионот околу Корча.
-Идејата ни е таа соработка уште повеќе да се продлабочи, планираме заедничка средба во Москопоље, престолнината на Власите во минатото која али паша Јанински ја разурнал - додава Хаџи-Антоновски.
Градоначалникот Владимир Талески рече дека ќе настојува да се воспостави традиција во одбележувањето на националниот ден на Власите и седиштето на манифестацијата да биде конзулска Битола.
-Многу ни е значајна соработката со Власите и со другите луѓе кои живеат тука и се припадници на друга националност, оти Битола како голем град и жив музеј на мултинационалноста има разбирање за сите, сите ги почитува - рече Талески.
Власите во Македонија имаат право да се школуваат на мајчин јазик. До неодамна предметот влашки јазик беше факултативен, но од учебната 2008/2009 тој предмет е изборен. Сепак имале уште нерешени проблеми во областа на образованието.
-Но со новата наставна програма треба да се набават нагледни средства - вели Хаџи-Антоновски.
Нерешени проблеми има и со имотите на Власите, кои биле националзирани, а не биле вратени и покрај сите нивни барања.
-Уште не ни се вратени имотите на пример училиштето „Гоце Делчев" кое во градот е познато како албанско или турско, тоа е влашко, изградено е од Власи за учење на влашкиот јазик - вели Хаџи-Антоновски.
Но затоа пак од неодамна богослужбата во црквите освен на македонски може да се чуе и на влашки јазик. Програмата за овогодинешното одбележување на националниот ден на Власите беше насловена како „Влашко маало".
Извор: ТВ ТЕРА
Sunday, May 24, 2009
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment